
Ученик во средно училиште во Мексико дизајнирал градник кој помогнува во раната детекција на рак на гради. Земајќи ја својата мајка како инспирација (и двете гради ги загубила поради болеста) Хулиан Риос Канту нашол подобро средство за рано откривање на оваа болест.

Кантуовото решение вклучува додавање на технологија на нешто што повеќето жени и’ инаку го носат, градник. Овој градник користи скоро 200 биосензори за да ја мапираат површината на градите и да ги надгледуават промените во температурата, големината и тежината.
Мапирањето на промените во големината и тежината е цел на повеќето самостојни прегледи. Сензорот за температура служи да анализира делови каде што има многу крвни садови, барајќи зголемен проток на крв во одредени делови.
-Овој проток на крв би можел да го храни туморот, вели Канту.

Група хрватски истражувачи тврди дека изолирала вирус кој многу силно ги разорува канцерогените клетки и може да стане вакцина или лек против човечки тумори, објавија денеска хрватските медиуми.
Истражувањето го предводи професорот Хрвоје Мазија од Ветеринарниот факултет во Загреб, кој во 1999 година од белите дробови на угинати пилиња изолирал нов вирус, за кој во натамошните експерименти се покажало дека делува на клетките тумор.
На професорот Мазија во работата му се приклучиле уште тројца колеги и заедно дошле до откритието со истражување врз глувци, кое, како што тврдат, во целост може да го промени пристапот во лекувањето на човечките тумори и да се спасат голем број животи. Во овој момент, велат, ќе им требаат само две седмици да развијат вакцина против тумори.
Новооткриениот вирус наречен ЗГ1999ХДС (ЗГ како Загреб каде што е изолиран, 1999 – годината кога е изолиран и ХДС – првите букви на името на др. Мазија и неговите соработници – Хрвоје, Динко и Синиша).
Вирусот сега е патентиран и заштитен, а припаѓа на видот Њукасл (Нењцастле – НДВ) кој напаѓа домашна живина и диви птици и меѓу нив прави помор. Преминува и на човекот, но единствената последица во тој случај може да биде блага настинка.
Видот Њукасл е познат од порано, но вирусот кој го открија научниците никогаш порано не е виден и и кога го вбризгале во глувците кои имале тумори на дебелото црево и дојката останале изненадени од резултатите бидејќи само за 72 часа ги уништил сите туморски клетки.
Следната година научниот тим го модификувал вирусот, прилагодувајќи го да биде поефикасен. Тој делува на сите канцерогени клетки, со помала или поголема ефикасност. Со него ќе можат да се лекуваат и меланоми, тумори на главата и вратот, тумори на простатата и бројни други малигни болести.
Нормалните, здрави клетки вирусот речиси воопшто не ги оштетува, а ги напаѓа исклучиво канцерогените, кои се познати по нивните рецептори, појасни проф. Мазија.
Во случајот со вирусот ЗГ1999ХДС, како и во слични случаи, би биле потребни пет години клинички истражувања да влезат во редовната клиничка практика, тврдат истражувачите.

Шеесет и петгодишен Македонец е првиот пациент на кого му е ставен стент на каротида со новиот систем „неурогард“, кој го разви компанијата „Контего медикал“ од Јужна Каролина. Интевенцијата ја изврши д-р Сашко Кедев на Универзитетската Клиника за кардиологија.

Доктор Кедев посочи дека новиот систем за стентирање е всушност апаратура која овозможува три во едно, односно се става филтер во каротидата за да спречи затворање на артерискиот канал, ставање стент и балон дилатација на крвниот сад.
– Со новата апаратура практично се скратува времето за ставање на стентот и таа е побезбедна, бидејќи се избегнува повеќекратно вадење и ставање на потребните материјали. Првиот пациент кај кој е направена интервенцијата има 65 години и веќе има стент на десната каротида која му беше 90 отсто запушена. И левата беше многу стснета и имаше опасност кај него да се појави мозочен удар, бидејќи веќе имаше невролошки симптоми, истакна Кедев.
Со овој начин на стентирање, нагласи, може да се делува и кога пациентот преживеал мал мозочен удар, односно со стентирање на каротидите да се спречи појава на масивен мозочен удар.
– Македонија е избрана да учествува во клиничката студија за одобрување на оваа апаратура за употреба. Кај нас треба да се направат интервенции кај 30 пациенти. Првично ќе направиме интервенции на 10 пациенти, кои ќе ги одбереме со скрининг, односно кај пациентите кои имаат најголема корист, а кај кои има најмал ризик. По извршување на овие интервенции кај нас, ќе може да се прават на пациентите во Берлин, Лајпциг и Милано, додаде д-р Кедев.
Иако ова е првата фаза од клиничката студија за апаратурата, пред-тестирањето, според Кедев, покажало извонредни резултати.
Додаде дека овие пациенти сега ќе се третираат бесплатно, бидејќи е студија, а додека да се комерцијализира апаратурата сигурно ќе поминат две до три години.

Сите видови тумори, полипи, кои растат во самото дишно стебло и прават опструкција со помош на крио сонда по пат на замрзнување и внесување бронхоскоп внатре во дишните патишта ќе може на Клиниката за пулмологија да се отстранат без да се прави хирушки отвор со класична операција и без крварење. Целата интервенција трае околу една минута.

По повод промоцијата на примената на Ербе технологиите во бронхоскопијата на Клиниката е формиран првиот реферетен центар за интервентна бронхоскопија. На денешната презентација на апаратите, директорот на Клиниката, Дејан Докиќ рече дека веројатно од идниот месец ќе почне примената на оваа процедура на Клиниката.
Најблиските центри кои применуваат такви технологии има во Атина, Софија и Белград, а во овој регион нема центар во кој може да се изведуваат интервентни бронхоскопски процедури.
Докиќ посочи дека гостите од Германија на денешната работилница ќе ги обучат нашите кадри кои веќе биле на едукација во Детроит и во Хамбург. Ова, посочи, е крајната едукација пред да почнат самостојно да почнат да работат на апаратите кои првпат ги имаме, а тоа се крио сонди.
Нови апарати на Пулмологија
– Имаме и друг апарат, кој е аргон плазма коагулација кој го спречува крварењето по ваквите интервенции и е сигурен метод. Значи туморот се вади без да се сече градниот кош и се запира крварењето. Интервенцијата е без последици за пациентот и се заштедува не само во однос на заздравувањето на пациетот, туку и финансиски средства. Една хирушка операција многу повеќе го чини општеството отколку една ваква интервенција, истакна Докиќ. Апаратите ќе останат по работилницата и натаму ќе треба да се преговара за цените кои ќе бидат пристапни за Фондот за здравсвтено осигурување.
Тој рече дека очекуваат да имаат повеќе од 50 до 100 пациенти годишно и од регионот.
Штефан Хабисрејтингер од Истражувачкиот центар Ербе – електромедицина, рече дека целта им е да има референтен центар и во Скопје и со овој тип на крио биопсија има голем број позитивни резултати и во многу поголем процент се потврдува дијагностиката.

Истражувајќи примероци од почва, американските истражувачи открија нова класа на антибиотици кои можат да убијат бактерии отпорни на веќе постоечките лекови.

Доктор Шон Брејди и неговите колеги од Универзитетот Рокфелер во Њујорк анализирале ДНК на повеќе од 1.000 примероци почва во потрага по нов лек, кој ќе се бори против бактериите на нов начин.
Антибиотикот успеал да го нападне клучниот дел од ѕидот на клетките на бактеријата – механизам што не може да овозможи микроорганизимите да развијат резистентност на лекови. Новиот антибиотик за време на тестирањата успеал да излечи упорна инфекција на кожа кај животни, која не можела да се излечи со постоечките антибиотици.
Центарот за контрола и превенција на болести проценува дека секоја година околу 2 милиони луѓе во САД умираат поради резистентност на антибиотици, а 23 илјди луѓе умираат конкретно од бактерии.
– Во недостаток на нови терапии, смртноста од опасни инфекции е во постојан раст и ќе биде сериозна закана до 2050 година, предупредуваат лекарите.

Научен тим од Универзитетот Стенфорд, развил лек за рак, за кој тврди дека само со една инјекција во туморот стимулира имунолошка реакција на организмот која ги напаѓа и сите други тумори кои можеби метастазирале во телото.

Според „The Week“, се подготвува тестирање на лекот на луѓе бидејќи тестирањето на глувци, според истражувачите, минало „неверојатно добро“. Деведесет проценти од третираните животни биле излечени само по една инјекција, а останатите по уште една. Лекот дејствувал дури и кај глувци кај кои ракот се проширил по целото тело.
Бидејќи една доза на лекот се чини дека е доволна, истражувачите тврдат дека ќе биде ефикасен и што е уште поважно, дека веројатно нема да има несакани ефекти по организмот какви што предизвикуваат другите медоти за лекување на рак.
Истражувањето во врска со овој неверојатен лек беше објавено во научното списание, Science Translational Medicine. Иако оваа терапија се нарекува вакцина против рак, разликата во однос на вакцината против грип и другите инфекции е дека оваа вакцина се дава на луѓе кои се веќе заболени, а не како превентивна мерка.

Научници од Универзитетот Стенфорд направиле вештачка интелигенциоја која со сигурност од дури 90 проценти може да предвиди кога пациентот во болница ќе почине.

Точното предвидување кога личноста би можела да умре, би им пружила можност на болниците да им ги исполнат последните желби на пациентите, како и да се направат сите важни разговори со семејството пред да биде касно за тоа.
Тимот на научници објаснува дека во реалниот живот постојат големи несогласувања околу тоа дека пациентот сака да живее до самиот крај на животот и за тоа како сето тоа завршува.
Судејки според податоците кои научниците од Стемфорд ги собрале, дури 80% од американците би сакале своите последни денови да ги поминат дома, но дури 60 % од нив на крајот умираат во болница.
Научниците собрале податоци од околу два милиони пациенти за да направат длабока невронска мрежа.
– Би можеле да направиме предвидлив модел користејќи собрани податоци од болниците, кои потоа би ги споредиле со внимателно експерименталните истражувања, изјави Ананд Авати, докторант на компјутерски науки во Лабараторијата за вештачка интелигенција при Универзитетот Стенфорд.

Пломбите за заби ќе заминат во историјата благодарение новото откритие – лекот наречен Tideglusib. Лекот е развиен и се тестираше за Алцхајмерова болест, но се покажа дека исто така помага за поттикнување на природниот механизам на забите за раст, па така забите сами ќе се лечат.

Teeth можат природно да го регенерираат дентинот без некаква помош, но само во одредени околности. Пулпата мора да биде изложена поради инфекција или траума, па да почне да се произведува дентин. Но, дури и тогаш забите можат повторно да пораснат само мал слој, пто е недоволно за да се затворат отворите предизвикани од бактерии. Tideglusib го спречува креирањето на ензимот GSK-3, кој го стопира формирањето на дентинот.
Во текот на истражувањето тимот од научници во расипани заби ставиле мали биоразградливи сунѓери направени од колаген натопен во Tideglusib. Сунѓерите поттикнале раст на дентинот и за само 6 недели расипаните заби повеќе не биле расипани. Колагенската структура на сунѓерите се стопила и останал само целосно здрав заб.
Засега лекот е тестиран само кај глувци. Сепак, како што велат истражувачите од Стоматолошкиот инситут на Кралскиот колеџ во Лондон, бидејќи лекот веќе е тестиран и испробан за една болест, па многу лесно ќе може да се примени на клиники.

Меѓународен тим на научници развил нов тест што проверува повеќе видови рак користејќи само примерок од крв. Истражувањето, предводено од научниците од училиштето за медицина „Џон Хопкинс“ од Балтимор, го развило тестот наречен „КанцерСик“, кој може да провери присуство на осум различни вида рак, вклучувајќи и рак на белите дробови, рак на дојка и на дебелото црево.

Тестот бил проверен и на 812 здрави луѓе за научниците да се осигурат дека ќе ги препознае само канцерогените клетки. Само кај 7 личности покажал различна дијагноза, односно препознал како позитивно, но научниците велат дека не можат да бидат сигурни дали кај овие луѓе алармот е лажен или станува збор за ран стадиум што нема покажано никакви симптоми.
Стапката на лажни резултати е пониска отколку кај конвенционалните тестови за проверка на одреден карцином. „КарценСик“ пристапува кон тестирањето на различен начин и ги гледа мутациите на 16 гени што се поврзуваат со карцином.

Единствен тест што е во широка употреба е контроверзниот тест за карцином на простатата што гледа само на еден протеински биомаркер, ПСА. Иако постои веќе 25 години, научниците никако немаат консензус околу тоа колку е корисен.
„КанцерСик“ кај 63 отсто од пациентите покажа и во кој орган се наоѓа карциномот, што на онколозите им дава витални насоки каде да снимаат за да го лоцираат туморот и да препишат ефективен третман.
Пред тестот да биде комерцијално достапен, потребни се клинички проверки, а веќе се работи ново истражување на 10.000 здрави луѓе. Додека научниците работат на подобрување на тестот, истражувањето треба да одговори на прашањето дали овој тест може да го открие карциномот порано од конвенционалните методи.

Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека медицинската марихуана нема штетни последици по здравјето.

ЦБД не е ниту опасен, ниту предизвикува зависност, наведе СЗО во извештај објавен вчера.
– Зголемен е интересот на американските сојузни држави за употреба на канабисот во медицински цели, вклучувајќи ја и палијативната нега. Како одговор на тој зголемен интерес СЗО во последните неколку години собра силни докази за медицинската употреба и нуспојавите од канабисот и неговите состојки. Новите докази собрани со испитување на животни и луѓе покажуваат дека употребата на канабисот има терапевтски ефект на епилептични напади и поврзани состојби, стои во извештајот.
Светските медиуми заедно со оваа информација го цитиртаат Раул Елизалде, татко од Мексико кој се бореше за легализација на медицинската марихуана за да и помогне на својата ќерка која имала стотици напади секој ден, кој е воодушевен од веста.
– Пресреќен сум што водечките светски здравствени експерти се согласуваат дека ЦБД има терапевтски ефект на различни медицински состојби, изјавил Елизалде за „Маил Онлајн“.
Компанијата Лифлај, која стана најголем светски извор на информации за медицинската марихуана, објасни дека ЦБД за разлика од ТХЦ не е психоактивна состојка и има потенцијал за примена во лекувањето на многу состојби и болести.
– Постојат докази дека ЦБД може да има невропротективни, антиифламаторни и аналгетски својства, и потенцијална терапевтска вредност во лекувањето на пореметувања како што се депресија, анксиозност и зависност, наведува Лифлај (Leafly).